Замислете како би изгледал вашиот живот кога би се отвориле за повеќе можности. Кога на сите работи кои доаѓаат би пристапувале со прифаќање, без разлика дали се работи за искуства кои едноставно ќе ве оснажнат и со леснотија ќе ви помогнат да направите еден чекор понапред или пак искуства кои преку болката ќе ве научат и одведат многу нивоа погоре.
Сите ние во минатото уште за време на нашето детство имаме изградено слика за себе и за животот кои ја одредуваат нашата перцепција денеска, како ќе гледаме на искуствата, дали ќе си дозволиме себеси да бидеме среќни и успешни или едноставно ќе веруваме дека не заслужуваме нашиот живот да биде убав. Многу често свесно сакаме промена и подобар живот, но се соочуваме со разни препреки кои доколку не знаеме како да ги надминеме и да се соочиме со своите внатрешни отпори можат уште повеќе да ги оснажнат нашите верувања и на тој начин да почнеме поцврсто да веруваме дека не сме создадени да бидеме среќни.
Ако почнеме да се ослушкуваме себеси и нашиот внатрешен самоговор, ќе можеме да приметиме дијалог на родител со дете на кое постојано му се зборуваа НЕ, НЕМОЈ, НЕ СМЕЕШ, НЕ МОЖЕШ, НЕ Е ТОА ЗА ТЕБЕ, НЕ СИ ДОВОЛНО ДОБАР, НЕ БИТИ ТАЖЕН,НЕ БИДИ ЛУТ, НЕ ВИКАЈ….Можеби звучи премногу строго, но повеќето луѓе живеат со ваков внатрешен самоговор кој не само што знае да ги одбие добрите работи од нашиот живот, туку и ни забранува да се изразиме себеси, да бидеме луѓе кои чувствуваат, кои понекогаш можеби се ранливи, кои некогаш имаат потреба да плачат, а некогаш имаат потреба да скокаат од радост исто како децата. Помислете само колку пати до сега бевте строги со себе и си рековте НЕ смееш да го чувствуваш животот. Без разлика дали се работи за оние искуства кои ги сакаме или пак оние кои не ги сакаме, ако имаме во себе негација таа ги блокира сите наши делови.Сето тоа не ни дозволува да живееме на својот идентитет и во текот на животот се соочуваме со фрустрации и неуспеси кои доаѓаат поради нашата внатрешна негација која ни налага да ги исполниме туѓите очекувања.
Можеби некогаш не сме свесни за она што си го зборуваме на себеси, но нашите резултати го покажуваат нашиот внатрешен дијалог, како и начинот на кој ги гледаме луѓето околу нас, своите деца, пријателите, партнерот. Дали ги прифаќаме туѓите успеси или постојано бараме причина дека некој не залужил да биде успешен , дали ги разбираме луѓето кога се лути, дали им дозволуваме на нашите блиски да ги изразуваат своите чувства без да ги осудуваме, дали постојано ги критикуваме туѓите постапки или сме особа која одобрува и прифаќа дека секој има право на свој избор.
Како да го промениме сето тоа?
Првенствено што можеме да направиме е да ја прифатиме сегашната состојба, да бидеме свесни дека се што искусуваме е наш избор, а со тоа и наша одговорност. Прифаќањето на сегашната состојба е едно големо ДА. Нема потреба да водиме војна со нашите ограничувања, туку потребно е само да прифатиме дека и тие се дел од нас, но ние имаме право да избереме нешто ново.Од тука почнува секоја промена, можеби ќе биде потребно да се соочиме со некои наши делови кои нема да ни се допаднат и кои научивме да ги сокриваме, но кажувајќи им “ДА ве прифаќам“ ќе видиме дека под сето тоа има и прекрасни делови кои чекаат на нас да бидат откриени и иразени. Токму во тие делови се крие она кое ќе не одведе до нашите најголеми успеси и нашиот внатрешен мир.Немирот е само последица на тоа што не ја прифаќаме својата драгоценост и фактот дека со самото наше постоење сме вредни и веќе сме успешни. Ние имаме потреба од внатрешна дозвола за среќа, имаме потреба од БРАВО, имаме потреба од ЉУБОВ, имаме потреба да бидеме разбрани, а сето тоа можеме да си го дадеме самите на себеси кога ќе кажеме ДА на себе и својот живот. Затоа денеска пробајте да ги раширите рацете и да му кажете на животот ДА, без никаков страв или сомнеж, туку со вера дека се што во овој момент е во вашиот живот и се што ќе дојде постои за ваше најголемо добро, а тоа е да создадете позитивни искуства од кои ќе научите и кои ќе ве воздигнат на едно сосема ново ниво. Кажете ДА на искуствата, ДА на успехот, ДА на љубовта, ДА на стравот, ДА на радоста, ДА на себе, ДА на животот, ДА на бескрајот.
Се гледаме на 01.02 на предавањето “КАЖИ ДА на животот“