
МИТОТ ЗА “ОТПУШТАЊЕ НА НЕПОТРЕБНОТО“
Многу луѓе кои работат на себе се обидуваат да ги отпуштат мислите, емоциите и чувствата за да се ослободат и да дојдат до внатрешен мир. Често се користи терминот “отпушти го старото“ за да можеш да создадеш нешто ново. Митот да се отпушти е само уште еден обид на умот да го избегне сегашниот миг, а со тоа избегнување ние се посилно остануваме врзани со мислите и емоциите и потсвесно креираме идентитет на “Несреќно јас“ кое постојано се труди да се спаси од нешто кое не може.
Самата идеја да отпуштаме е поврзана со отпор кон тоа што е и неприфаќање на себе такви какви што сме. Во позадината постои онаа потреба да биде нешто подобро, која никогаш не престанува и доколку се увериме дека сме ги отпуштиле емоциите, кои набрзо повторно се враќаат, нашиот ум секогаш ќе бара нешто подобро од сегашноста.
Кога некои аспекти од нашето постоење ги делиме на потребно и непотребно, ние имаме силен отпор кон себе и ментално се обидуваме да ги промениме, што не е возможно. Емоциите и мислите се дел од нашето човечко постоење, но кога работиме на тоа да ги отпуштиме или исцелиме, ние се идентификуваме со нив, а со тоа забораваме на својата вистинска природа. Нашата вистинска природа е тој простор во кој се случуваат сите тие мисли и емоции, кој е непорменлив, отворен без отпор кон тоа што е. Оној кој се противи е нашиот его идентитет кој сака да се промени самиот себе, но во исто време и сака да остане заглавен. Тоа е исто како мајката да му каже на своето дете дека сака да се ослободи од него бидејќи е луто, тажно или уплашено, детето нема да се смири напротив ќе стане уште повознемирено. Истото се случува и со детето во нас, кое го претставува емоционалниот аспект од нашиот ум.
Ако погледнеме во себе, а не само во тоа што го искусуваме на објективно ниво, тогаш сите доживувања ќе бидат прифатени со љубов да останат онолку колку што сакаат, но тоа нема да не промени нас или нашата вредност, бидејќи ние во својата нутрина сме љубов.Емоциите се само телесни сензации на кои им доадаваме ментална приказна која е креирана од нашата интерпретација на стварноста. Дали можеме да го отпуштиме минатото или да го погледнеме такво какво што е без да интерпретираме? Тогаш тоа самото ќе се отпушти. Најголемата болка не се емоциите и мислите, туку отпорот кон нашето животно искуство и прифаќањето на себе како безусловно битите.
Најмоќниот начин за себеисцелување не е чистењето на нашите емоции, бидејќи емоциите не се чистат, тие се интегрираат во целината кога ќе се ослободиме од отпорот кон нив и кога ќе престанеме да им даваме значење кое е поврзано со нашата реалност.Она што исцелува е прифаќањето на себеси во потполност со сите наши аспекти (емотивен,ментален, физички), дозволувајќи му во тој простор на безусловност да се случува. Некогаш чувствуваме страв и се обидуваме да го отпуштиме стравот, но стравот не сака да не пушти нас, бидејќи ние му даваме големо значење со тоа што од една страна мислиме дека го прифаќаме за да го пуштиме, но од друга страна влегуваме во играта на стравот а тоа е проекција на некое подобро себе во иднината кога ќе бидеме слободни од него. Нашиот ум слободата ја гледа како некоја дестинација или цел, но слободата е нашата вистинска природа која е присутна во овој момент сега и во која се случува целото доживување на страв, лутина, тага, мисли и сензации. Ние не сме ограничени, дури и кога се случува најинтензивното доживување, но имаме навика погрешно да се идентификуваме со тоа што е променливо, а тоа се мислите, емоциите, сензациите.
Работата на себе најмногу се однесува на ослободувањето од отпорот и вртење на вниманието од нашиот илузорен идентитет кон својата вистинска природа, која е самата креативност и слобода, додека потребата за промена на тоа што сме за да добиеме нешто е работа на себе како его идентитет кој е постојано незадоволен од самиот себе и има потреба да отпушта и контролира.
Слободата не се наоѓа во отпуштањето на она што не го прифаќа нашиот ум, туку во прифаќањето на себе како слобода која го прифаќа отпорот на умот и неговата активност наречена мисли и емоции, кои се случуваат во сегашниот миг, без да се обиде да ги промени . Кога сме во состојба на потполно прифаќање, тогаш ние течеме со животот, стануваме едно со искуствата кои не се ни добри ниту пак лоши, едноставно се човечки искуства. Тоа е исто како небото кое не се противи на времето, некогаш сонцето е силно, некогаш има бура, но тоа не го менува небото.Вие сте небото, а се што доаѓа и оди е вашето човечко искуство поради кое сте тука.
Отпуштањето на идејата дека сегашниот момент мора да се промени е најослободувачкото нешто кое може да ви помогне во потполност да го прегрнете својот живот и да почнете вистински да го живеете она кое е веќе тука. Вие не морате да се борите со животот, бидејќи животот сте самите вие, разбудете се и препознајте го тоа.
Со љубов,
Илина