fbpx

Потребата да се биде “во право“

Јас имам свој став, ти имаш свој и сето тоа е во ред се додека некој од нас двајца не почне да го негира спротивниот став.Колку што има луѓе на планетава толку перцепции постојат. Некој од нив се слични и често луѓето поради тие гледишта се спојуваат, а некои се во потполност различни и токму поради тоа некогаш со одредени луѓе не можеме да успееме да се конектираме.

Која е апсолутната вистина или дали воопшто постои апсолутна вистина? Сите ние живееме во овој физички свет кој е облик на невидливото. Во тој облик спаѓа се што можеме да видиме објективно, како и нашето тело и нашитемисли. Обликот многу често се менува, се раѓаме, растеме, старееме или добиваме некои материјални работи па потоа ги губиме или пак некои луѓе доаѓаат во нашиот живот и често се случува да си одат. Сето тоа ни покажува дека во физичкиот свет не можеме да пронајдеме апсолутна вистина или непроменливост во било кој дел од нашето постоење, а особено во ставовите и размислувањата на луѓето.

Апсолутното е непроменливо,тоа е оној дел од нас кој посматра без никаква критика и осуда, додека поминуваме низ  разни животни ситуации кои можат да бидат позитивни или негативни, во кои можеме да бидеме жртва или насилник. Тој дел можеме да го наречеме “тивкиот посматрач“ или присутноста во нас.

Проблемите во комуникацијата се случуваат кога ја негираме апсолутната вистина во нас и нашиот соговорник, кога нашата комуникација се одвива исклучиво на ментално ниво или ниво на ум, гледајќи ги луѓето преку перцепција на ограничувања кои пред се постојат во нас. Многу често се сретнуваме со луѓе кои имаат потреба да бидат во право. Тие цврсто се држат за своите ставови и недозволуваат ништо што е спротивно од нивната вистина да се пренесе во нивната свест, бидејќи се идентификувани со своите мисли. Тие постојано се бунтуваат против нешто, бидејќи имаат потреба нивната правда да биде задоволена. Сето тоа е активност на умот.Кога на умот би му го покажале рајот и крајот на целото страдање би ви рекол “Се е тоа супер, ама…“

Потребата да се биде во право е еден вид на насилство кое постои внатре и се пренесува на соговорникот. Погледнете  ја комуникацијата на луѓето од страна без да завземате одреден став, ќе приметите дека се сведува на убедување во нечије мислење. Без разлика на која тема се работи, може да е политика, родителство, бизнис, духовност, често мислењата не се разменуваат, туку се борат едни со други.

Дали можеме да знаеме СЕ и дали мирот доаѓа преку знаењето? Мирот е дел од тишината, а таа е позадината на знаењето кое во многу случаи наместо да е корисно се претвора во ментален хаос, кој продолжува да се шири во околината. Кој е тој кој има потреба да биде во право? Нашето его. Егото никогаш нема да прифати некој друг како свој пријател, бидејќи природата на егото е во постојана потрага по непријатели. Некогаш навидум постојат пријатели само доколку делат ист став, оној момент кога некој ќе го промени мислењето, станува најголемиот непријател.

Што е тоа што се крие позади потребата да се биде во право? Стравот од непостоење, бидејќи ако дозволиме некој друг да биде во право и со тоа го негираме мислењето за кое цврсто се држиме, тогаш може да доживееме една мала смрт на идентитетот, кој е креиран на база на минатото.Токму тоа е причината поради која се случува и трае внатрешното страдање.Ние не сме своето минато ниту искуствата, ние сме апсолутната вистина која е сведок на сите тие искуства. Тие искуства се само патот кој не носи до таа вистина. Оној кој има потреба да биде во право е нашата болка, преку која се одржува нашето “мало јас“ .Тоа е изворот на многу негативности кои постојат во нашиот ум.

Да се прашаме дали во својата комуникација гласно или пак во себе ги негираме другите? Дали додека некој ни се обраќа едвај чекаме да дојдеме до збор за да го кажеме своето мислење? Длабоко во нас постои потреба да ја докажуваме правдата и животот го гледаме како борба? Тоа се само знаци дека не сме свесни за својата вистинска природа, а од друга страна сме во потрага по мир.

Обидете се да се откажете од потребата да бидете во право, бидејќи менталните концепти немаат некое големо значење. Ние сме тие кои има го поклонуваме своето внимание и поради кои го пропуштаме највредното нешто, животот. Многу луѓе стануваат свесни на крајот и сфаќаат дека својот живот го поминале во докажување кое носи само немир и ништо повеќе. Прашајте се кога не би постоеле концептите за нашите проблеми и сликата како би требало животот да изгледа, дали тогаш проблемите би постоеле? Проблемите се знак дека во нас постои отпор кон она што се случува во сегашнота, гледајќи го тоа како нешто погрешно. Дали начинот на кој што ја перципираме сегашноста е апсолутна вистина?

Клучот кој води кон внатрешната слобода е прифаќањето на животот таков каков што е.Тоа значи крај на внатрешната борба со надворешните ситуации и можност да делуваме без влијание на нашите стари емоции.Тоа е наједноставниот начин да го пронајдеме вистинското решение за секоја наша животна ситуација, бидејќи проблемот и решението сме самите ние.


Пушетете ги другите да бидат во право, а вие зачекорете на патот кон внатрешниот мир.

Придружете ни се на нашата тродневна обука за будење на присутноста “Presence coaching”.Повеќе информации\