fbpx

ПРОЦЕС НА БУДЕЊЕ (живот надвор од драмата)

Кога еднаш ќе се случи будење на свеста и ќе ја препознаеме својата вистинска природа, ниту една сила од светот на дуалноста повеќе нема да може трајно да не задржи во илузијата на ограничениот ум. Тогаш гледаме дека животот има многу повисока смисла и дека најважната цел на нашето човечко постоење е да ја откриеме бескрајноста во себе, сфаќајки дека отсекогаш без разлика на она што се случило, ние сме совршени и потполни.

Кои сме навистина ние?

Начинот на кој што егзистираме во овој свет е со ограничена перцепција која се сведува на пет чула како дел од умот, но ние сме многу повеќе од тоа, ние сме битија кои имаат многу подлабока димензија од она можеме свесно да го перципираме. Мислиме дека сме само личноста која се раѓа, бори во животот за да стане нешто и на крајот заминува. Сето тоа гледано од страна на ограничениот ум изгледа напорно и страшно, луѓето целиот свој живот го поминуваат во страв и неизвесност од иднината и како што минуваат годините тој страв станува се поинтензивен и остануваме заглавени во размислувањето дали ќе имаме доволно за да “преживееме“ до крајот на својот живот. 

 Реален страв не постои, она што се случува е психолошки страв кој е наметнат и излузорен, тоа е само перцепција на себе како “ограничено јас“ или его конструкција. Кога долго време ќе ја играш играта на егото, која е составена од нешто да се постигне, достигне или докаже и ќе се обидеш да ја пронајдеш слободата преку исполнување на тие услови, на крај сфаќаш дека на тоа ниво не постои никаква слобода, туку само недостаток кој станува се поголем. 

Позади сите тие игри и обиди ВЕЌЕ постои нашето “ЈАС“ кое е совршено, исполнето и слободно и кое нема потреба од никаква промена . Кога еднаш ќе се доживееме СЕБЕСИ тогаш тоа длабоко знаење ќе остане и ќе можеме да го препознаеме “лажното јас“ кое е само продукт на ограничениот ум и ништо повеќе. Тоа “лажно или ограничено јас“ е само навика да се доживуваме себеси на тој начин, но ако ја знаеме својата вистинска природа ќе можеме да се соочиме со повторното појавување на тоа лажно јас во нашата свест, дури кога се појавува со целата своја армија на стравови. Во тие моменти ќе бидеме повторно мирни во позадината, ќе знаеме што се случува и со тоа нема да му ја даваме целата свест за повторно да не повлече во сонот на илузијата.

Многу луѓе можеби нема да го разберат ова, бидејќи разбирањето е дел од умот, но ако длабоко погледнете во своето срце ќе можете да ја препознаете таа неуништлива желба за внатрешен мир за кој би дале апсолутно се. Токму таа желба која во последно време кај секој од нас е се погласна е повикот за нашето будење .Најважно од се е да знаете дека од внатрешниот мир и состојбата во која што сте сега, ве дели само една мисла, едно верување. 

Кога би ве прашала “Кој си ти?“ вашиот одговор би бил на ниво на личност, како име, улога или некоја позиција. Дали вие на овој свет дојдовте со тој товар или попатно родителите ви кажаа како ќе се викате, каков е животот, како да се поставите во улогите, општеството ви ги наметна целите и постигнувањата за да бидете вредни во овој свет и уште многу други условувања поради кои страдаме незнаејќи дека не сме обврзани да веруваме во нив? Од тие условувања е креирана нашата личност  која се обидуваме постојано да ја промениме. Од една страна сакаме таа личност да биде  совршена слика според одредни наметнати стандарди, а од друга страна се бориме со нејзините ограничувања и ја негираме.Тоа создава конфузија која е коренот на секое незадоволство. Сето тоа не е важно, никој досега не постигнал совршена промена на секое поле, бидејќи животот е дизајниран да не предизвикува, она што не го гледаме во целата таа драма е можноста да се разбудиме и психолошки да излеземе од неа.

Кои сте вие без сите тие идентитети? Дали и пред да почнете да верувате во нив вие постоевте? 

Егото е фикција креирана од умот, само до умот…

Мислите и верувањата преку кои се гледаме себеси се далеку од Вистината и нашиот Бесконечен потенцијал, тоа се само идеи за тоа кои мислиме дека сме, концептуализирана верзија на тоа кој и што замислуваме дека ќе бидеме. Многу луѓе веруваат на својот ум и на сликата која ја замислиле за себе.

Кога ќе се случи кликот “Јас не сум оваа условена личност“, тогаш егото ќе почне да се осветлува, а во исто време ќе се бори за да преживее и да не задржи во илузијата дека сме мали и ограничени битија. Егото постојано се ре-креира себеси создавајќи нови и нови имагинации, а нашето вистинско Јас го разоткрива и му ја намалува моќта. 

Во тој процес често се случува во еден момент да доживеете безусловна љубов, креативност, неверојатна инспирација, а во следниот момент да се најдете преплавени од негативни мисли и емоции.Тоа се поларитетите во дуалноста кои се сосема нормални и не претставуваат никаков проблем кога ќе ја разбереме играта на животот. Исто така ако се врземе само за позитивните чувства, тогаш повторно влегуваме во конструкцијата на егото, бидејќи егото преку врзувањето за нешто не внесува во состојба на страдање и страв дека нештото ќе биде изгубено (Егото не е  негативно, ако го гледаме како непријател кој стои на патот на нашата себереализација, тогаш сме во неговата игра, бидејќи егото е тоа кое има потреба од непријатели.Тоа е само дел од нашата човечка конституција). 

Како што поинтензивно ќе почнете да го потврдувате своето Вистинско Јас, така тие прелази ќе стануваат се поретки и тоа не значи дека ќе престанат, туку дека кога ќе се случуваат секогаш во позадината ќе постои мир кој создава простор и ги прифаќа сите тие делови од личноста.

Вистината е дека безусловната љубов сме ние, нашето вистинско Јас, тоа не е нешто кое ни се случува или појавува, туку личноста е таа која се појавува и си оди во таа безусловност.

Ова е прекрасен процес на будење, во кој сфаќаме дека мислите и верувањата се лажни, бидејќи се променливи, преку нив се обидуваме да го контролираме животот кој не може да се контролира, сигурно досега го сфативте тоа. Многу луѓе во овој момент би се запрашале “Што треба да правам сега?…Која е поенатата на животот?“. Вие не треба да правите ништо за да станете нешто, тоа е сосема доволно да го знаете. Секој пат кога се обидувате да направите нешто за да бидете посреќни или поисполнети, тоа е исто како да се обидувате на океанот да му носите вода.Вие сте океанот на свеста која одамна заспала во таа личност и се заборавила себеси во мислите и желбите усмерени кон иднината. Дали вие можете да бидете една мисла?

Ништо што е дел од умот не може да биде вистина, бидејќи постојано се менува, а проблемот е што ние како луѓе го сфаќаме сето тоа многу вистинито и сериозно и тоа го креира конфликтот со тоа што навистина Е, со самата вистина.Сите обиди нешто да се контролира се осудени на неуспех, кој во истовреме може да биде и успех кој ќе ни помогне да се разбудиме и да ја препознаеме вистината во себе.

Ако ја живееме вистината, тоа не значи дека нема да постоиме повеќе, туку дека можеме да правиме се што сакаме само нашата намера ќе биде чиста и коренот на секоја наша акција ќе биде љубов и несебичност. Тоа е крај на идентификациите со тоа што не сме и почеток на живот со повисока смисла.

Предавање на сегашниот миг и верба во непознатото

Многу луѓе се обиделе да закорачат во сегашниот миг, можеби го искусиле, но не останале во него. Сето тоа бидејќи некогаш мислиме дека ако сме будни и присутни во сегашноста, ќе ги изгубиме стравовите кои создаваат тежок живот и ќе добиеме повеќе во материјалниот свет.Тоа е уште една замка на егото, едноставно не очекувајте ништо, а бидете отворени за се.Непознатото е и возбудливо, тоа е исто како стражар кој го чека својот господар да се појави секој момент,незнаејќи кога ќе дојде. Тоа е возбудата на животот која не може да се разбере преку ограничениот ум, бидејќи егото сака конструкција и сигурност.

Тоа што јас го доживеав кога вистински се предадов на сегашноста е појава на разни мисли и емоции, како страв и тага, кои и претходно беа присутни и секојдневно им ја давав својата сила, но не можев да ги видам поради тоа што се криеја позади потребата да бидам нешто во овој свет. Се случуваа разни ситуации кои наизглед беа хаотични, се појавуваа луѓе кои беа заглавени во стравови, но знаев дека тоа е само рефлексија на мојот стар систем на верување, длабоко во мене нешто ми кажуваше дека се е во ред и покрај тоа што однадвор работите се менуваат во непознат правец.Стравот беше обид на умот да ме врати во конструкцијата на контрола на животот и повторно да ми го додели теретот на “оној што прави“, додека тагата постоеше бидејќи длабоко во срцето знаев за тоа исполнето и безуловно СЕБЕ, а постојано се обидував да се пронајдам некаде во условеноста.Тоа беше мојот шок од сознанието за тоа кој сум навистина јас. Тогаш сфатив дека и стравот и тагата се мои пријатели, тие ми укажуваат на она кое е важно, она кое е трајно и непроменливо.

Она што го почуствував е слобода, опишана како љубов, која е премногу голема за да ја ставам во концепт.Само оној кој ја спознал знае што значи тоа, нешто за кое си спремен да оставиш апсолутно се на овој свет. Таа слобода не е нешто кое е апстрактно, тоа е само слободата од егоичикиот ум. Тогаш сфаќаш дека сите процеси кои се составени од мисли и емоции, едноставно не си ти, туку е нешто кое доаѓа и си оди, а ти остануваш секогаш ист, стабилен и непроменлив. Тоа е мирот по кој трагаш целиот свој живот, а тој гледа во тебе и чека да биде откриен.

Будењето е болен и истовремено прекрасен процес, бидејќи сфаќаш дека болката е присутна се додека не ја прифатиш. Можеби ќе ти биде потребно време за да се навикнеш на СЕБЕ, а од друга страна ќе сфатиш дека тоа СЕБЕ е надвор од времето и секогаш било приустно во прекратката на сегашниот миг.

Без разлика каде се наоѓаш во овој момент, можеби сеуште не знаеш за својата вистина или едноставно го препознаваш секој збор од овој текст, се радувам бидејќи се среќаваме на овој заеднички пат кој ни покажува дека не постои јас или ти, бидејќи ние сме ЕДНО. Тоа е вистината која не ослободува од се она што не сме и го отвара нашето срце кон она што навистина сме. 

Драго ми е што си тука. 🙂

Илина Ведран