Денеска многу често родителите бараат решение за однесувањето на своите деца, се прашуваат што треба да направат за да ги променат и како да делуваат на нив за да бидат послушни и мирни.Од друга страна, децата постојано се во конфликт со своите родители, покажуваат непримерно однесување, некогаш изразуваат и агресија и за жал многу често се и казнувани поради сето тоа. “Каде грешам? Со што заслужив вака да се однесува со мене? Целото време му го посветив нему….Работам за тој/таа да има, зошто не ме разбира?….“ се прашуваат родителите. Време е да престанеме да се прашуваме, туку да почнеме да делуваме на вистинското место.Единственото место од кое би можеле да делуваме и да им помогнеме на нашите деца да бидат среќни и задоволни, сме самите НИЕ.
Оптеретени со секојдневните стресови, грижи и во постојана трка со времето родителите на својата улога гледаат како однос кон кој имаат обврска, многу жртвување и конфликти.Поради тоа многу родители не чувствуваат дека се привилегирани, туку се затрупани со разноразни обврски.Од друга страна докажано е дека во сите наши односи и односите со децата делуваме од две емоции: љубов и страв.Затоа многу често нервозата, лутината и бесот кои се присутни во нашата улога како родител бидејќи нашите деца не се онакви какви што ние посакуваме да бидат, спаѓаат во категоријата на стравот кој е резултат на внатрешна нерамнотежа.Многу родители постојано се нервозни бидејќи се плашат за здравјето на своето дете, се грижат за иднината и финансиската сигурност, се грижат за неговата безбедност и кога се е во ред, не им дозволуваат на своите деца да направат чекор кој ќе ги одведе до самосталноста бидејќи тие мислат дека децата не се способни за тоа.Замислете како вие би се чувствувале кога некој на ист начин би постапувал со вас и постојано би ви велел дека мора да внимавате на секој чекор, дека овој свет е опасно место за живеење, дека не сте способни да направите многу работи сами, дека морате постојано да се сомневате во вашето здравје бидејќи голема е веројатноста да бидете болни???
Сите ние делуваме во зависност од нашите емотивни и мисловни обрасци кои се последица од односот со нашите родители.Во зависност од тоа каков бил тој однос, ние денеска по тој модел ги креираме односите со другите луѓе и со нашите деца.Но без разлика на се, секогаш имаме можност да направиме нешто различно.Ако се водиме по овие неколку чекори , со сигурност ќе можеме да делуваме во создавањето на среќни и задоволни личности.
Првиот чекор е освестување на внатрешните блокади, кои работи ги повторуваме од нашите родители, што е тоа што ни се провлекува во сите односи и дали во себе чувствуваме лутина кон своите родители.Иако некогаш можеби велиме дека нашите родители не биле најдобар пример за родител, а ние постојано се трудиме да не го повториме тој модел, се додека имаме отпор кон нив, сигурно сеуште го носиме товарот и несвесно го префрламе на своите деца.Затоа простете им на своите родители.
Вториот чекор е одговорност кон себе и развивање на чувство дека сме вредни да бидеме сакани и почитувани. Ние сме единствениот пример на своите деца, тие преку нас учат како да се сакаат себеси.Ако го жртвуваме својот живот за нив, нема да им допринесеме чувство на висока вредност, туку терет и долг кој во текот на животот несвесно ќе ни го враќаат.Денеска има многу родители кои остануваат во брак поради своите деца, а позади таа причина се крие личниот страв и несигурност кои им ги проектираат на децата.Сигурна сум дека ниеден родител не сака да создаде должник од своето дете. Ако сакате да спасите некого, за да можете да го направите тоа првенствено е потребно да се спасите себеси.Затоа ставете се на прво место, вие сте ПРИОРИТЕТ, а вашето дете од вас учи каков однос да има кон себе.
Третиот чекор е право на избор и сопствени искуства.Секој од нас има право да го искуси животот на свој начин, преку своите сетила.Не може родителот да чувствува за своето дете, да гледа и да слуша за него и на тој начин да му пренесе што е животот.Понекогаш и болката е добра, бидејќи не потсетува колку сме храбри и колку многу можеме.Како би знаеле што е светлина, ако никогаш не сме ја виделе темницата.Не ги заштитувајте децата од искуствата, дозволете им да создадат свој пат кој ќе ги одведе до сопствената среќа.
Четвртиот чекор е вашиот поглед, начинот на кој го гледате своето дете.Дали го гледате како нешто мало, неспособно или пак како свесно суштество кое знае зошто постои и кое има своја мисија на овој свет.Променете го прво погледот кој го имате кон вашето внатрешно дете, вратете се во минатото и создадете нов поглед кон светот и детето кое некогаш сте биле, ослободете се од осудата и критиката, внесете позитивност и почнете да гледате преку очите на љубовта.На тој начин ќе го излекувате вашето внатрешно дете и ќе создадете подлабок однос со вашето дете, бидејќи начинот на кој го гледате вашето дете е истиот начин на кој ве гледале вашите родители.Односот со внатрешното дете и прифаќањето на оние делови од вас кои не сакате да ги прифатите бидејќи некој во минатото ве уверил дека се неприфатливи, се предуслов за добар однос со вашето дете и постигнување на внатрешен мир.Погледнете кон минатото со разбирање и запомнете дека без разлика на тоа колку години имате, никогаш не е доцна за среќно детство.
Најважно од се е трајно да прифатиме дека ние сме пример за своите деца и ако сакаме да ги научиме што значи љубовта и среќата во вистинска смисла, првенствено потребно е да почнеме да се сакаме себеси, бидејќи од таму почнува секое задоволство, секоја друга љубов, секој среќен живот…
Нашите деца не се наша сопственост, тие се дојдени преку нас да ги искусат своите искуства, а ние ја имаме привлегијата внатрешно да растеме заедно со нив.На овој свет не постојат лоши деца, ниту пак лоши луѓе, постои само незадоволена потреба за љубов.
Се гледаме на 3-ти декември на конференцијата “Свесно родителство“
Текст: Илина Ведран – тренер за личен и професионален развој