fbpx

Пронајди ја сигурноста во сегашниот миг

Ако се навикнеме да ја користиме иднината на практичен начин, како временски концепт кој ни служи да функционираме во овој физички свет, да закажуваме активности или креираме планови, после кои се враќаме во сегашноста без да бидеме оптеретени за резултатите, тогаш нашата енергија ќе биде во баланс и ќе бидеме далеку од ментално-емотивните крахови.

Проблемот се создава кога наместо практично, ние одиме во иднината психолошки и остануваме во неа.Потребата да се биде во иднината има две причини: Едната е надополнување на недостатокот и силна потреба од нешто, што во спиритуалноста се објаснува како желби кои не држат во точакот на кармата, а во психологијата се нарекуваат ментално-емотивни обрасци кои се повторуваат, а другата е стравот и потребата да се контролира ментално тоа што доаѓа за да може да се намали интензитетот на нереалниот страв акумулиран во минатото, а кој постои во сегашноста. Во првиот случај се што поставуваме како конечна цел, а е водено од недостаток она што ќе го добиеме ќе биде истото чувство, без разлика на надворешниот исход. Во вториот случај интензитетот на стравот станува уште поголем бидејќи постои врзување за состојба која не може да се постигне бидејќи секогаш го добиваме она од кое почнуваме, во овој случај страв.

Иднината не може да се контролира, тоа е само илузија.Сетете се само на една работа во вашиот живот која одела стопроцентно според вашиот план. Дали постои такво нешто? 🙂 Од друга страна постојат многу работи кои ќе ги посакуваме “силно“ и ќе се бориме за нив, но кога ќе ги добиеме ќе изгубиме на некое друго поле, бидејќи природните закони на свеста се одвиваат во правец на балансирање на нешатата. Егото не може да биде над целата креација, може само да мисли дека е така.

Она што можеме да го направиме не е да се пренасочиме кон нова цел, туку да излеземе од приказните кои си ги кажуваме за да контролираме нешто што не постои и да ја живееме сегашноста во која ги имаме сите потребни смерници, на каде треба да се движиме, што треба да правиме или можеби ништо да не правиме.Тоа е оној внатрешен глас кој постојано не води на вистинското место кое се наоѓа во сегашниот миг. Работите ќе се случуваат со и без вашите верувања, ако се обидувате да ги менувате мислите од негативно во позитивно, вие повторно се обидувате да ја контролирате иднината, бидејќи длабоко постои оној став “Ќе биде како што јас сакам“. Прашајте се “Кој дел од мене го зборува ова?“. Доволно е само да ги освестите негативните мисли и да ја прекинете идентификацијата со нив, да не верувате во нив.Потоа без да се форсирате да правите нешто, допуштете спонтано и природно да дојде вашата креативност, да се изрази вашиот потенцијал кој е воедно и свеста, која може да манифестира не се што сакате, туку се што ви е потребно во секој момент. Ако мислите дека тоа е пасивно делување, погледнете ја природата и нејзините убавини, човекот како битие и се што е манифестирано на овој свет. Дали небото, океаните, планините и сите прекрасни нешта се создадоа од човечкиот ум кој е во постојан стрес насочен кон иднината?

Можеби изгледа лудо за нашиот ум да не сме опсесивно усмерени кон резултатите или крајната цел, бидејќи тоа може да звучи како да сме неодговорни. Дали тоа значи дека навечер кога одите да спиете се осудувате себеси за неодговорност, бидејќи ги оставате работите сами на себе? Тогаш пробајте да не спиете и во текот на ноќта ментално чувајте стража на грижите за иднината.
Ако верувате дека од вас зависи се, тогаш прашајте се кој го контролира вашето дишење и работата на органите, за вашиот ум да може да работи на стресот наречен иднина. Сигурно постои нешто повеќе кое се грижи за вас во секој момент, додека егото е уверено дека ги држи сите конци во рака.

Каде трчаш? Застани за момент. Сите одиме кон една иста дестинација, некој порано или подоцна. Кога ќе дојдеме на крајот сигурно нема да мислиме на иднината, бидејќи тогаш ќе сфатиме дека иднината не постои, постои само сегашноста која можеме да ја живееме или преспиеме. Тоа е играта на животот, бесконечното во конечното, затоа сме тука за да го спознаеме токму тоа.

Животот не е страдање,страдањето е во умот…Животот не е материјална цел, целта си ТИ и ништо друго… Животот не е трка за победници, победник е оној кој се откажал од трката и сфатил дека веќе е на целта.

Само за момент откажи се од потребата да ЗНАЕШ што ќе се случи следно, само дозволи да се случи, биди во мир со незнаењето. Верувај во животот, препушти му се, дозволи му да ти ја покаже твојата животна цел, одмори се во сегашниот миг, пушти ги сите приказни и дозволи внатрешниот глас да те води низ сите твои акции. Во целото ова патување патување наречено живот само едно е сигурно, а тоа е токму овој момент сега додека го читаш ова. Предади му се, заљуби се во него, дозволи му да те одведе во незнаеното.Се друго е неизвесно, но на тебе останува што ќе избереш. Дали ќе живееш во играта на умот како ограничено битие кое има апсолутно се, а не знае за тоа или ќе го видиш она кое веќе го имаш и ќе му дозволиш да БИДЕ.

Само опушти се,се е во ред,секогаш и било, дури и кога не знаеш што се случува и кога мислиш дека ништо не се случува, секогаш се случува најдобро за тебе. 

Вдиши… издиши…почувствувај го срцето… тоа е животот… СЕГА И ОВДЕ.

Драго ми е што си тука 🙂

Со љубов,

Илина Ведран