fbpx

Твојот живот е СЕГА

Многу често одиме низ животот со доза на незадоволство постојано исчекувајќи нешто да се случи. Да пронајдеме подобра работа, да имаме повеќе пари, да најдеме некој кој ќе не сака, да имаме деца, да дојдат подобри времиња и уште многу други изговори. Понекогаш ќе дојдат и тие времиња и повторно ќе чекаме  да ни пораснат децата, да дојде викенд, да се промени нашиот партнер, да дојдат уште подобри времиња.Сето тоа само ни влева чувство дека животот никогаш не е доволно добар и никогаш нема да се создадат услови за да бидеме среќни.

Што се случува со овој момент СЕГА, зошто мислиме дека не е доволно вреден да му се препуштиме и да заборавиме на она што треба да биде. Уште колку вакви моменти од своето драгоцено патување ќе пропуштиме, можеби утре нема ни да постои, можеби она што го чекаме не е за нас или пак можеби едноставно ќе дојде, но во свое време.

Денеска ги отварам очите и дишам само за СЕГА, го чувствувам секој свој здив вреднувајќи го она што постои сега, чувствувајќи ја моќта на овој момент. Знам дека постојам сега и овде и дека ова е најсигурното место на овој свет, ослободена од мислите на очекувањата, радувајќи се на секој момент од својот живот. Колку ли само прекрасни работи постојат кои во овој момент моите очи можат да ги видат, им го подарувам целото внимание  изразувјаќи во себе длабока благодарност.Верувам дека овој ден е најдоброто нешто кое ми се случило до сега, среќна сум гледајќи ја радоста во очите на мојот син, слушајќи го смеењето кое е резултат на радоста која доаѓа од срцето и прифаќам во потполност да бидам дел од сето тоа. Знам дека се случува  само еднаш и никогаш повеќе нема да се повтори, затоа си дозволувам да уживам во целата убавина која ме опкружува денеска.

Погледнете денеска околу вас и ќе забележите многу причини за среќа, но вашата среќа нема да дојде поради тоа што го гледате, туку ќе ја разбудите бидејќи ќе допрете до вашата изворност која можете да ја почувствувате само доколку сте присутни СЕГА. Не чекајте, не се надевајте дека нешто ќе се случи и ќе го промени вашиот свет, единственото нешто кое можете да го промените е вашето внатрешно доживување кое ќе го промени начинот на кој што го гледате светот. Бидете сигурни дека во овој момент имате многу нешта за кои некој сонува да ги има, можеби вие ја имате токму таа привилегија вашите очи да се радуваат на нешто за кое некој можеби плаче, дајте му важност на тоа, почувствуајте го благодетот и вредноста од се што постои околу вас СЕГА. Запомнете, вашиот живот се случува во овој момент, не постои идно време кое ќе ви даде ветување дека ќе го пронајдете бараното и ќе ви го донесе животот во кој конечно ќе бидете среќни и исполнети. Не постои бидејќи сето тоа можете да го имате веднаш, потребно е само да го освестите и ќе го видите најубавиот подарок кој некогаш ви е даден, можноста да дишете и да го чувствувате животот.

Денеска прегрнете го сегашниот момент како никогаш досега и бидете благодарни на овој живот, ова искуство, ова место на планетата, на луѓето кои ве сакаат, на сонцето, на денот, на природата и ќе видите колку малку е потребно за среќа.

“Со радост го живеам овој момент и ги прифаќам сите убавини на животот“

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *