fbpx

Инспиративни искуства“Креирај се себеси“
– Сања Манчева

Мојот мотив за промена

Од 2012 година непрестајно читав книги за личен развој и се задлабочував во голем број од вежбите во нив. Сите избрани вежби генерално се однесуваа на нешта кои ги посакував, надвор од мене. Она што тогаш не го разбирав беше токму тоа, преголемата свртеност кон надворешноста што ме оддалечуваше од себе. Секогаш нешто фалеше. Се чувствував многу неблагодарно, бидејќи исполнував сè но не беше доволно. Како годините минуваа, тоа незадоволсто резултираше со пореметување на исхрана, хронични стомачни болки, анксиозност, панични напади и депресија. Сите овие случувања ме упатија кон коренити промени во средината и во себе.

Како започна целата приказна со “Креирај се себеси“

Почетокот на 2017 година се чувствував ментално и емотивно поспокојно. Голема заслуга за мојата промена ја препишав на книгите, па одлучив да направам официјална веб страна на која ќе го споделувам наученото. Беше прашање на време кога книгата на Илина ќе ми падне во раце. Ја прочитав во еден ден и доцна во ноќта и пишав порака. Прилично различни искуства, но тоа не беше важно. Кога еден човек отворено ја раскажува својата приказна, останатите сочувствуваат и се поврзуваат. Пишувајќи пуштив и видеа од Илина, ми се допаѓаше енергијата и одлучив да отидам на работилница. За неколку часа таму секоја мисла изгуби важност, бидејќи кога си поврзан со себе надворешноста го губи влијанието врз тебе. Знаев дека ќе се вратам брзо. Од следниот месец започнав со обуки.

Моето искуство од обуката

Беше прекрасно, но ни најмалку лесно. Ја гледаш болката во себе, ги откриваш уверувањата кои те блокираат во поврзувањето со љубовта, радоста и присутноста, но во исто време ги чувствуваш слободата и олеснувањето. Процесите се толку силни, што по нив чувствуваш физичка болка. Секоја пора на тебе се отвора. Ја запознаваш енергијата во себе, движењето на здивот и биењето на срцето. Искусуваш милион ситуации на откривање зашто животот е таков каков што е. Ги разбираш своите постапки преку согледување на концептите на размислување. Другите ги доживуваш како огледала и од нив откриваш по нешто за себе. Сè изгледа како неверојатна случајност, бидејќи сè посебно се поврзува во една необјаснива целина. Посакувам секој да помине низ овие обуки со отворен ум и отворено срце, да се сврти кон себе и она што е од вистинска вредност.

Необични конекции кои траат целиот живот

Пред две години со мојот пријател Мирослав Драганов разговаравме дека сакаме да креираме нешто за мотивирање и едуцирање. Јас веќе пишував за Помрдни го задникот – Промени го животот, низ разговор се создаде и Продолжи со насмевка. Мики се концентрираше на градење свој бренд, јас продолжив со мојот, со честа размена на идеи за нешто заедничко. На првата работилница кај Илина, додека чекав  во хотелот ја забележав Ане. Јас седнав во средина, а таа десно до мене. Не разговаравме многу меѓусебно, но по работилницата се создава чувство на припадност, прифаќање и посебна поврзаност. Следниот месец на обуките, влегов и седнав на истото место. До мене десно повторно седеше Ане. Ништо не е случајно. Првиот викенд од обуките извлекувавме имиња од еден сад и јас станав чувар на една девојка. Да бидеш чувар значи да се грижиш за личноста и на свој начин да правиш да се чувствува убаво. Така ја запознав Биле. Испадна дека имаме многу сличности во приказните. Кога ги откривме заштитниците, од сите личности јас бев заштитник на Биле, но и таа мој. Ништо не е случајно.

Како понатаму ги инспирирам другите на промена

Создавање на заедница за тренери веќе беше во план и ги засакав сите луѓе од обуката. Одлучив да оставам правите личности да се откријат сами. Дел од замислените проекти  се со цел за помош на образовниот систем и затоа сакав постручна личност за работа со деца. Последниот викенд Драгана- една од учесниците на обуката, сподели дека работи како педагог со чудесна идна цел. Ништо не е случајно.

Завршивме со обуките, поминав време со молитва и медитација и им пишав на сите дека сакам да создадам заедница на тренери со понуда да бидат дел од неа. Така формиравме Клуб за едукација, мотивација и личен развој „КО-КРЕАТОРИ“.

Со визија за заедница од најголема вредност, преку која луѓето ќе се поврзат со изворот на љубов, радост и спокој, со животот.Преку едуцирање, мотивирање и менторирање ја креираме нашата мисија. Ја гледам сликава и се радувам.Со љубов за моите Ко-Креатори и бескрајна благодарност затоа што сум дел од ова искуство.

Ти благодарам Илина