fbpx

Ване Маркоски - Инспиративни искуства
“Бесконечен потенцијал“

За време на нашите обуки се случуваат многу увиди и ослободувања кои можат да го променат животот на еден поединец. Главната причина за тие промени е отвореноста, храброста и спремноста на луѓето да превземат одговорност за својот живот. За да направиме промена потребно е одлука, вера и знаење како да поминеме низ процесот.Прочитајте го искуството на Ване.

Како започна целата приказна со “Бесконечен потенцијал“

Кога дојде моментот да се спознаам себеси, да се свртам кон внатрешното јас, почнав доста да читам , а авторите и нивните дела едноставно сами ми доаѓаа во раце. Така дојдов и до книгата на Илина “Заврти нова страница од својот живот“. Книгата ја прочитав скоро во еден здив, за неколку дена. После извесно време некаде на социјалните мрежи прочитав за обуката “Бесконечен потенцијал“ која се одржуваше во Берово и не ми требаше ни една минута да реагирам. Знам дека возев велосипед, застанав, веднаш се јавив и си го резервирав своето место на обуката. Ситуацијата тогаш ми беше тешка од сите страни, кога велам од сите, мислам и од материјален аспект. Но, во главата ми се вртеше цело време искуството на Илина споделено во книгата, пред да оди на обуката за тренери која и го променила животот, како и раскажаните предизвици кои ги поминала додека почнала самата обука. Верував и не се откажував. Некое внатрешно Јас, ми кажа дека се ќе биде во ред и дека тоа е тоа што ми треба тогаш. Тоа и се случи. Во последен момент работите сами си дојдоа на свое место.

Мојот мотив за промена

Доживеав крах кој ме освести. Завршив во болница. Одеднаш човекот кој имаше премогу пријатели, зборуваше и се објаснуваше за некои други вредности во животот, момчето кое бараше само пари, кариера, остана само, беспомошно…Тогаш го немаше надворешниот свет. Останав сам, со чувство дека мојот внатрешен свет, иако запоставен, не ме напуштил, само чека искрена моја волја да почнеме заедно да го креираме нашиот заеднички свет. Моментот кога сфаќате дека детето во вас за цело тоа време било запоставено, отфрлено, несреќно…Тоа е тој момент кој ме освести и ме втурна во промената.

Моето искуство од обуката

За време на обуката ми се случија голем број предизвици. Имаше и ден кога требаше да се спакувам и да се вратам во Скопје, поради приватен проблем. Таа случка да беше во периодот од мојот живот кога се стремев кон „надворешноста“, не само што ќе ме вратеше во Скопје и ќе ја напуштев обуката, туку и ќе ми го искомплицираше денот, неделата, животот. Ќе ме фрлеше на размислување, кроење планови, ќе ме враќаше во минатото, ќе ме фрлаше во иднината. Откако се случи тоа разговарав со Илина и препознав дека тоа случување е само мојот внатрешен отпор кон промената, одлучив да го оставам телефонот и се на страна и да продолжам со програмата.Ја употребив техниката која ја практикувавме за мислите, да излезам од приказната на умот и успеа, едноставно надворешното случување не влијаеше на мене.Набрзо и тоа однадвор се среди.. Моментот, сегашниот миг, егото не сака промена. Нашето ослободување е најголем непријател на несвесното и едноставно тоа, ќе направи се, за да не врати во „комфорната зона“ каде почнува да го “креира“  нашиот живот далеку од вистината на нашето вистинско ЈАС .

Моите бенефити од обуката

За ова нема зборови да го опишам, постои некоја суптилна промена. Промената ја гледаат и луѓето околу мене. Успевам да ги одвојам мислите од тоа што навистина сум, да престанам да се идентификувам со негативностите и случувањата. Не судам, не обвинувам, постапките на другите луѓе кон мене повеќе не ми се предизвик, ги гледам како огледало на тоа што сум јас. Се повеќе мојот ум не е тој кој ме контролира, туку јас ја држам контролата над него. Живеам… Единствено и наједноставно да одговорам на ова прашање е следнава реченица: Среќен сум, таа среќа не ми е потребна за да им покажам на другите, туку нешто внатре во мене е среќно, лета, се чувствува слободно.

Како околината и блиските имаат корист од мојата промена

Ги инспирирам моите пријатели и блиските, оние кои ја прифаќаат мојата промена. Ги користам моите лични профили на ФБ и Инстаграм за да секојдневно потсетам колку е животот убав, колку е важно да сме секогаш среќни заедно со нашето внатрешно дете. Колку е важно да верувате во Вас, да се едуцирате, да читате, да се грижите за беспомошните. Препорачувам книги. Се трудам, во ова малку време, откако почнав да ја превземам контролата над својот живот, да покажам колку е важно да се работи секојдневно на будењето на свеста.

Ване Маркоски -водител ТВ Канал5 и Infinity Potential тренер