fbpx

Тоа беше мојот повик! Инспиративни искуства “Бесконечен потенцијал“

Мојата љубов кон книгите постои од моето раѓање. Сакам читање, а уште повеќе пишување. Душата да ми ја свртиш кон празно, верувај дека со зборови ќе напише нов свет и од тоа празно ќе состави среќа. Читав многу. Немав истрасирано пат, па трагав по сите жанрови. Ми претставуваа попатна дестинација сѐ додека возот не застана на една прекрасна станица. Неколку година чував една книга којашто ми беше подарок, а не ја приметував. Едноставно, како никогаш да не ѝ доаѓаше редот. Всушност јас не сум била подготвена за неа и несвесно сум создавала отпор. И деновите кога душава однема место за товарите со кои ја товарев многу години, без причина и без име на таа енергија што ми ја подаде раката кон неа, јас ја земав да ја читам. Книгата се вика ,,Како да го излечите својот живот” од Лујза Хеј.

Се прашував како сум можела да носам слепило, се прашував и тргнав по патот за којшто знаев дека назад нема. Но… Бев привремено среќна. Психолошките книги ми станаа зависност, затоа што ми нудеа спокојство, но не ми беше јасно зошто кога го применував тоа што го пишуваше на крајот повторно бев несреќна. Во тој круг се движев неколку години, а во меѓувреме животот ми ја газеше душата којашто ми стана тешка за носење и сѐ што имав во очите беше крик. Ете, тогаш ми се случи Илина.

И повторно без причина и без име на таа енергија која ме повлече, јас се пријавив да присуствувам на обуката ,,Бесконечен потенцијал”. Вредноста на котизацијата изнесуваше исто толку колку сумата што ја имав на трансакциската сметка. Ни денар повеќе, ни денар помалку. Не знаев што ме очекува, не знаев што ќе ме научи таа жена, но чувствував дека тоа е вистинското нешто и само се препуштив. Тоа беше мојот повик! Доживеав будење. Освестување. Ослободување. Сфатив дека сум страдала само поради мислите дека одредени луѓе во минатото не ме сакале. И можеби тоа било вистина. Тие не ме сакале, но на начин на којшто јас сум сакала да ме сакаат. Сум страдала затоа што не сум ги прифаќала такви какви што се и сум живеела со мои верувања за нив. А да не ги прифаќаш другите, значи да не се прифаќаш себеси. Надворешното е манифестација на внатрешното. Ако нема мир внатре, тогаш ќе нема и надвор, но за жал човекот мисли дека тоа е обратно. МИСЛИ – е изворот на сите страдања. Кога ќе се идентификуваме со нашиот ум и ќе се оддалечиме од нашето вистинско постоење. Кога ќе избегаме од присуството и ќе се врземе за минатото или иднината. А тие не постојат. Тие се илузија и храна на нашето его без коешто тоа не може да живее. А кој сакате да живее во хармонија, вашето его или вие? Ова прашање ви дава одговор дека вие не сте вашиот ум. И ова е најкраткиот опис на патот до моето внатрешно просветлување . За ова можам да ви пишувам уште бескрајно многу, но ова не се поимува на ментално ниво, туку на чувство. Кога ќе допрете до свесноста, ќе немате потреба од ништо, а ќе имате сѐ. Ви посакувам да го доживеете тоа преку процесите на оваа обука и на крајот, кога ќе се искачите на ниво на безусловна љубов, ќе ѝ кажете ,,благодарам” на Илина, а таа ќе ви каже дека ништо не направила за вас, туку дека вие сами направивте за себе.

Со љубов,

Фросина Насевска