“Она за што ја губиме својата свест е нашата суштина или Битието, тоа што навистина сме. Кога престануваме да сме свесни за својата суштина, таа престанува да се манифестира. На тоа место се појавува недостаток.Тој недостаток е празнина од губењето на нашата вистинска природа. Тоа може да биде губење на љубов, вредност, способност за поврзување, сила, тоа се квалитетите на нашата суштина. Да ги изгубиш квалитетите на својата суштина, не значи дека засекогаш се изгубени, туку едноставно повеќе не си свесен за нив.“ А.Х.Алмаас
Нашиот живот најчесто наликува како потрага по нешто, сите трагаат за нешто подобро.Подобра врска, подобра работа, подобро искуство, но ретко кој застанува и се прашува: “Што се крие позади мојата постојана потрага?“
За да го разбереме ова верување на огромен недостаток кој што постои во човечката психа, потребно е да разбереме која е разликата помеѓу нашата его личност (базирана на нашите минати искуства) и суштината (која што е вистинската личност).
Личноста е креирана на база на ментална конструкција и постои во дуалноста или “Секогаш имам идеја за себе и тебе, кои некогаш се во склад, но многу лесно може да се промени ситуацијата“. Личноста влегува во врските преку идејата, наоѓа партнер и се венча со идејата. Покасно таа идеја почнува да се руши и излегува на површина вистината за партнерот или непроцесираната емоционалната содржина, потоа следи период каде што ја обвинува реалноста бидејќи не е во склад со замислената идеја. Истото се случува и со децата, родителите имаат идеја, но не ги гледаат воопшто своите деца. Нашата его личност е создадена бидејќи е изгубена суштината и никогаш не е задоволна, постојано трага по исполнување. Тоа можеме да го видиме ако го проучиме Енеаграмот.
Колку и да постигне нешто, личноста е празна, бидејќи самата ментална слика е празна, нема поврзаност со нешто подлабоко. Но, исто така има нешто во нас кое што трага по таа конекција, преку своите врски, својата работа, своите постигнувања, бидејќи во нас постои љубов кон суштината, кон себе, но кога нашата свест е заглавена во личноста, тогаш трагањето се случува на погрешно место, надвор од нас.
Суштината или нашта вистинска природа е она по кое што трагаме, бидејќи е изгубено поради неадекватното држење на околината во нашето детство. Нашата суштина има квалитети како љубов, радост, поврзување, сочувствителност и сл. но бидејќи тие квалитети не се огледани и препознати, ние се исклучуваме од нив.
На пример квалитетот на радост е поврзан со радоста на нашето Битие, без разлика што и да правиме или не правиме, Битието е во сосотјба на задоволство кое доаѓа одвнатре. Но, за тој квалитет да биде отелотворен, потребно е да има огледало во нашето детство. Кога суштината нема огледало, ние веруваме дека тоа што ни го покажуваат е вистината и тој однос од околината, кој што е најчесто негирачки го прифаќаме како вистина за себе. Значи неадекватното држење на околината, го гледаме како свое чувство на неадекватност.
Бидејќи живееме во свет на его, суштината никој не ја приметува, сите се зафатени како да направат нешто за да имаат подобар живот, бидејќи не се свесни дека главната мотивација за тоа е внатрешната празнина и неможноста да се биде во моментот поради таа празнина. Можеби нашите родители ќе направат се за да изградат подобра личност, способна за живот, но ако не е препозната суштината, тоа чувство на недостаток ќе постои.
Кога суштината не е препозната, во нас останува празнина, на местото на таа празнина постојат сите оние емоции кои спаѓаат во модот за преживување како: страв, лутина, омраза, љубомора и сл. Ограничувачките верувања кои се поврзани со тие емоции се: “Не сум сакан…Не сум добар…Не сум вреден“. Нашата слика или личноста се резултат на таа празнина. Можеме цел живот да работиме на себе, да се менуваме, можеме да ја менуваме својата слика во позитивна, но секогаш во позадината ќе постои и негативната. Додека не допреме до суштината ништо нема да се промени.
Ако сме ја изгубиле радоста, внатрешно ќе се чувствуваме неповрзано и меланхонично, ако сме ја изгубиле вредноста, можеби ќе станеме воркохолици и неуморно ќе бидеме насочени кон успех, ако сме ја изгубиле конекцијата ќе се обидуваме да бидеме посебни и специјални.
Суштината е нашата вистинска природа, тоа е нашата спиритуална природа, самата свесна присутност која што не може да биде оштетена ниту пак уништена, таа постои подлабоко од нашите ментални конструкции за тоа како треба животот да биде, што треба да станеме, што треба да се случува. До неа можеме да дојдеме преку поврзување со себе, почнувајќи од нашето тело, сензациите, способноста да се отвориме кон емоциите без да ги судиме, способноста да ги видиме нашите верувања и перцепција кон реалноста, да ја испрашаме валидноста и да ги отелотвориме вистинските квалитети. Ако чувствуваме невредност, наместо да се бориме со неа и да ја докажуваме, можеме да се отвориме кон неа, да ја почувствуваме и да и дозволиме да ја каже својата приказна. Потоа можеме да видиме што ќе излезе од неа, секогаш се појавува суштината или вистинската вредност која што е потисната од нашите минати исксутва.
Нашиот потенцијал е во самата суштина, бидејќи личноста е изградена на база на односот на околината која што го имала кон нас за време на детството и тоа не е нашата автентичност, тука нема потенцијал, има само ограничување. Колку и да ја менуваме и усовршуваме, личноста е празна, исполнетоста е во суштината.
Кога живееме од самата суштина животот е спонтан и непланиран, се тече едноставно без притисок и секој момент е жив и има голема смисла, без разлика дали правиме нешто или само седиме и ќутиме. Суштината ја дава смислата на целото постоење, но кога не ја знаеме својата вистинска природа, ние веруваме дека смислата е во нашите акции, а не во животот кој што пулсира во нас.
Суштината можеме да ја истражиме, тоа е најдоборото нешто кое што во овој момент можеме да го направиме за да излеземе од вртлогот на колективниот хаотичен ум и старите идентитети. Тоа е нашиот благослов во овој живот, да имаме можност да допреме до најдлабокотo и најсветото нешто, од фундаментална важност за нашето постоење. Ништо не е изгубено, само не е видено и препозано. Кога ќе се ослободиме од сопственоста на своето искуство, тогаш нашиот потенцијал почнува да се отвара. Она што е наше лично и на кое имаме сопственост е огранучувањето, доаѓа од нашата историја, но она кое што е СЕГА е слободно и живо, полно со разни непознати можности.
Што е тоа што сеуште не знаеме за себе?