fbpx

КАКО ДА ГИ ТРАНСФОРМИРАМЕ СРАМОТ И НЕАДЕКВАТНОСТА?

Чувството на неадекватност е универзално гледиште на нашата его перцепција и се појавува како невредност, недоволно добар, срам, несаканост…

Срамот вика: “Јас не сум доволно добар“…“Не сум доволно голем“…“Не сум доволно паметен“ или “Попаметен сум од другите“…“Другите се глупави и невредни“. Двете перцепции се реакција на сликата која што ја имаме за себе, позади која се крие она длабоко чувство на сепарација.

Овој начин на себеотфрлање е поврзан со нашиот интелектуален ум кој ја отфрла присутноста, да ја види реалноста таква каква што е, а ние сме една целина со реалноста. Срамот е многу моќна енергија која што може да ни помогне да се поврземе со празнината на нашата мала его школка. Срамот ги препознава ограничувањата на нашиот егоцентричен живот и постојано е насочен на искуството. На тој начин себеси се гледаме како добри или лоши во склад со она кое што го искусуваме.

Кога искуството не се случува во наша полза, тогаш се јавува чувството на неадектватност и внатрешна паника, бидејќи ја губиме контролата.Од друга страна она кое ни дава чувство на сигурност во таа перцепција е само одредена мисла или имагинација која што ја проектираме на иднината која што не постои. Иднината никогаш не доаѓа, секогаш е сегашноста, се е само ментална проекција.Тоа е само мисла и не може да биде сигурна, она што е сигурно е само овој момент сега.

Бидејќи сме идентификувани со нашето его, ние се идентификуваме со искуството и се напаѓаме и судиме себеси кога искуството не е во склад со нашите замислени правила или како треба да биде.Тоа е образецот на нашето его, за да не ја прифати ранливоста, бидејќи се појавува страв од губење на познатата улога на жртва.

Но, што е вистината?

Ако ги тргнеме сите ментални проекции, она што ќе остане сме ние во овој момент, но најчесто не можеме да бидеме во него бидејќи ако не проектираме тогаш ќе се појави ранливоста. Сите бегаат од ранливоста, но ако ја почнеме да ја прифаќаме ќе се вратиме во реалноста, а тоа значи топење на нашата егоичка структура и заглавеност во времето. Од друга страна реалноста има можност да се отвори на многу непознати начини, кои воопшто не се во матрицата на нашиот ментален образец на гледање на нештата. Начини на кои што воопшто не сме ни замислиле дека можат да постојат, тоа го прави моќта на довербата во непознатото или длабока конекција со потенцијалот на својата подсвест.

Обичната човечка перцепција и постоење се сведува на тоа како да направи подобро, за да има подобра слика во светот, ако таа слика се сруши, а постојано се руши, тогаш на површина излегува ранливоста. На тој начин несвено живееме во образецот на својата неадекватност или нашето детство, каде што постоиме ние и родителите, кои бараат од нас да бидеме добри за да бидеме сакани и прифатени. 

Така веруваме дека ние сме одвоени од целината и зависиме само од своите родители, кога ќе пораснеме истата слика ја проектираме на светот. Ние сме малото дете, а светот е нашата мајка или татко.Тоа е нашата мала идеја од детството, која е поврзана со чувството на неадекватност. Кога другите не сакаат се е во ред, но кога не покажуваат интерес и љубов кон нас, бидејќи немаме добра слика, тогаш сме несреќни. Нашата детска перцепција, во која што живеат сите возрасни.

Кога практикуваме свесна присутност , ние создаваме директна врска со реалноста, не со сликите и идеите од нашето минато. Кога живееме во тие слики, нашата реалност се одвива само на еден начин, како да добиеме повеќе внимание, а сето тоа бара доста внатрешен притисок. Но, ако почнеме да ја враќаме својата свесност во телото, ќе видиме дека имаме нереална перцепција која што е базирана на нашите емоции. Таа емоционална реалност ја проектираме на животот, а полето истото ни го враќа назад. Ако научиме КАКО со емоциите, знаеме КАКО и со реалноста.

Ако се населиме во животот на телото, наместо да се заплеткаме во приказната која не прави неадекватни и засрамени, ние се отелотворуваме. Нашиот срцев центар е нашиот простор каде што вдишуваме и издишуваме додека ја отпуштаме контракцијата во телото. Приказната можеме да ја испрашаме и најчесто таа секогаш доаѓа од минатото, но ако полека ја видиме старата илузија и останеме присутни во своето срце додека отпорот не се растопи, ние ќе доживееме состојба на ослободеност од ситуацијата во моментот. 

Кога ќе допреме до своето “разбудено срце“, ние ја пресекуваме конекцијата со нашата его приказна на “кутриот јас“ и се поврзуваме со своето внатрешно изобилство, она кое што го чувствувавме како деца невино и отворено. Реалноста тогаш се менува, бидејќи нашата перцепција се менува од сепарација во поврзаност. Тоа е методата на будење на длабоката сочувствителност, која е најмоќната исцелителна сила. Значи, срамот е само порта до сочувствителноста.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *